Со свечено отворање, вечерва (5 август) во 19:30 часот во Паркот на поезијата во Струга започнува 10. издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“.
Во наредните пет дена ќе има проекции на филмови во пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјалната програма „Соочување со минатото“. За наградите ќе одлучува меѓународно жири составено од сценаристот Масимилијано Нардули, актерката Верица Недеска, продуцентот Цанко Василев и режисерот Гледис Бица.
Меѓу филмовите кои ќе бидат прикажани вечерва е премиерата на македонскиот краток филм „Клупа“ (фото) во режија на Трифун Ситниковски.
Влезот за сите фестивалски настани е бесплатен.