НОРВЕЖАНИТЕ ОД МАЛИ НОЗЕ УЧАТ ДА ЈА САКААТ ПРИРОДАТА, А ДА СЕ БИДЕ НАДВОР Е НАЧИН НА ЖИВОТ

Осло, (Гардијан)

„Да се биде надвор е природен начин на живот во Норвешка. Тоа е многу важно за она што го нарекуваме добар живот“, вели Бенте Лиер, генералната секретарка на здружение кое обединува 500 норвешки клубови за надворешни активности.

Friluftsliv, што буквално се преведува како живот на слободен воздух, е дел од норвешкиот национален идентитет и овој термин прв го осмислил писателот Хенрик Ибзен во една своја поема од 1859. За денешните Норвежани тоа значи учество во надворешни активности и во лето и во зима, што може да биде шетање во шума, возење кајак покрај фјордови, риболов на замрзнати езера, скијање, но и собирање шумски плодови.

Огромен процент Норвежани поминуваат време надвор. Според едно истражување од јуни, дури 83% се заинтересирани за friluftsliv, 77% поминуваат време во природа на неделна основа, а 25% повеќето денови.

„Оваа љубов кон природата се учи рано, Ние веруваме во свеж воздух. Во повеќето градинки, децата поминуваат 80% од времето надвор. Во школите има посебни денови од годината кога децата одат во природа и кампуваат“, вели Лиер.

Лесниот пристап до природата е едно од објаснувањата за популарноста на friluftsliv. Околу 40% од Норвешка е покриена со шуми, а најголемите 15 градови се окружени со шуми.

Friluftsliv е добар за физичкото здравје зашто често вклучува вежбање, но придобивките за менталното здравје се исто така големи. Во истражување од 2020, 90% Норвежани рекле дека се чувствуваат поопуштено и порасположено кога се во природа.

Норвешките закони и политики го промовираат friluftsliv.

„Имаме право да лутаме, да береме печурки и цвеќиња и да бидеме надвор, без разлика кој го поседува земјиштето. Со ова доаѓаат и одговорности, од кои најважната е да не се оставаат траги, односно ѓубре“, вели Лиер.

Норвешка се подготвува за 2025, која е прогласена за година на friluftsliv, замислено како надворешен фестивал од северот до југот.