КОНЦЕРТ СО МУЗИКА ОД ЗБИГЊЕВ ПРАЈСНЕР ОД ФИЛМОВИТЕ НА КШИШТОФ КИШЛОВСКИ ВО ФИЛХАРМОНИЈА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

В четврток од 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе одржи концерт со музика од полскиот филмски композитор Збигњев Прајснер, напишана за филмовите од режисерот Кшиштоф Кишловски.

На програмата се: „Лакримоса“ од „Реквием за мојот пријател“ и селекција на филмска музика од филмовите „Декалог“, „Тајната градина“, „Двојниот живот на Вероника“ и „Три бои: сино, бело и црвено“. Како солистка ќе настапи Филипа Бојл од Англија, а ќе настапи и хорот „Про Арс”. Ќе диригира Николас Чалмерс од Англија.

Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика и еден од најзначајните во неговата генерација. Соработуваше со полскиот режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“ и „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава. Токму за Кишловски го напишал првото поголемо дело, „Реквием за мојот пријател“, кое излезе во 1998 за „Ворнер класикс“.

Николас Чалмерс е уметнички директор на фестивалот Невил Холт Опера од 2013 година. Под негово раководство, во рамките на фестивалот се изведени седум нови опери и пет обнови на постари продукции.

Филипа Бојл е еден од најактивните сопрани во Велика Британија. Меѓу нејзините понови улоги се Елеонора во „Моќта на судбината“, Јенуфа во истоимената опера на Јаначек и Виолета во „Травијата“.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран во 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски. Од 2018 е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата.

(Фото: „Култура онет“)