ВО АВСТРАЛИЈА ОТВОРЕНА ЗООЛОШКА ГРАДИНА НА ИДНИНАТА ЗАСНОВАНА НА ХОЛОГРАМИ

Бризбејн, (Би-Би-Си)

Во Австралија е отворена зоолошка градина на иднината каде што посетителите можат да погалат жирафа, лав, па дури и диносаурус. Сепак, сите овие животни всушност не постојат.

Оваа футуристичка зоолошка градина во Бризбејн ја отвори компанијата „Акион холографикс“.

Во градината нема животни во кафези или во оградени простори, туку тоа е забавен парк кој користи нова технологија. Така кит од десет метри плива покрај посетителите, а носорози се капат наоколу и како духови можат да поминат низ луѓето.

Сите животни во оваа градина се холограми – тридимензионални подвижни слики, настанати со помош на ласерска светлина.

Животните влегуваат во просторија, шетаат низ неа и можете да ги галите. Има многу смеење и викање, но сите замолчуваат кога кит од десет метри поминува покрај нив“, вели извршниот директор Брус Дел.

Сѐ се базира на новата технологија на длабински холограм, кој ги оживува холограмите и создава единствено виртуелно искуство. Таа им овозможува на посетителите и да го почувствуваат мирисот на цвеќињата и дрвјата кои се појавуваат во холограмите.