Од „Бисер балкански“ до „Љубов неверна“, концертот „Легендите живеат вечно“ во Филхармонијата во саботата беше убаво потсетување на песните на повеќе легендарни македонски пејачи и автори. Настапија Наде Талевска, Ламбе Алабаковски, Ивона Јо и Тамара Волческа, во придружба на камерен оркестар, придружни вокали и дуо труба и хармоника во песните на Есма и Гоце Николовски.
„Ај засвирете ми чалгии“ ретко ја пеат женски вокали и совршено ѝ легна на Наде Талевска. Привилегија беше да се слушне нејзиниот чист и нежен сопран во песната од Јонче Христовски во оркестарски аранжман. Најромантичниот дел од концертот беше „Мојата серенада“ од Гоце Николовски, уште една песна која како да е напишана за Наде Талевска, а ја испеа со хорска придружба од публиката.
Ламбе Алабаковски почна тивко со „Опасно сум вљубен во тебе“ од Драган Каранфиловски-Бојс, а заврши со публика на нозе на „Бисер балкански“ од Гоце Николовски. Силните аплаузи за Ламбе покажаа дека е подготвен и за свој концерт на истата сцена за што, како што ни изјави, и размислува за следната година.
Ивона Јо имаше впечатлив сценски и вокален настап со „Ѓелем ѓелем“, облечена во стилот на Есма. Одличен избор за Ивона Јо беше „Ако згрешам нека изгорам“ од Пепи Бафтировски, но и „Цреша“ од Тоше Проески. Концертот имаше одличен распоред, од стари поп хитови кои и денес се актуелни, до фолк хитови кои луѓето ги присвоија како народни.
Се сетивме и на Влатко Илиевски во „Најбогат на свет“, добар избор за Тамара Волческа, која ја испеа и „Громови на душа“ од Тоше. Една од најубавите песни на маестро Александар Џамабазов која ја испеа Зафир Хаџиманов, „Љубов неверна“, беше уште една лесна задача за Наде Талевска. Таа ги испеа и безвременските „Ангели ме носат“ од „Силви бенд“, и „Свирете ја зајди, зајди“ од Олгица Христовска.
„Зарем Драган Вучиќ ги напишал овие песни? Секоја чест“, коментираше еден маж во публиката.
Ламбе, освен што имаше впечатлив крај откако клекна пред публиката во „Бисер балкански“, ги испеа и „Заветна“ од Пепи Бафтировски и „Дали чекаш стара мајчице“ од Гоце Арнаудов.
Задоволни од концертот, организаторот „Прагма продукција’ ни изјави дека следната година ќе прават и втор дел, а можно е овие концерти да станат традиција.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ