Фестивалот Таксират оваа година полни четврт век и на прославата во декември покани музичари и бендови од она што го нарекува семејството на „Пасворд“.
Дваесет и петтиот Таксират ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ и меѓу учесниците има и „резидентни“ имиња, музичари кои беа чести гости на фестивалот во изминатите години, како „Дубиоза колектив“, „С.А.Р.С.“ и Кирил Џајковски. Покрај нив, ќе настапат францускиот музички колектив „Есид араб“, австралискиот музичар Даб Еф-Икс, регионалните ѕвезди „Лет 3“, Мими Мерцедес и Смоке Мардељано, а домашната сцена ќе ја претставуваат „Смат“ и Страјк.
Ќе има три бини, на кои ќе се обединат „новата генерација, актуелниот бунтовен звук и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена“, велат од „Пасворд продукција“.
Почетната цена на билети е 700 денари.
Г. КОНЕВ