РЕТРОСПЕКТИВА НА ДОКУМЕНТАРЦИТЕ НА „ПЕТРА ПАН ПРОДУКЦИЈА“ ВО КИНОТЕКАТА ОД 24 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 24, 25, 27 и 28 ноември во Кинотеката на Македонија ќе се одржи ретроспектива на филмски остварувања на „Петра Пан продукција“. На филмската програма се седум остварувања со различни содржини и нијанси на документарниот жанр.

Ретроспективата ќе биде отворена на 24 ноември во 18 часот со проекција на словенечкиот документарен филм „Бабичките на револуцијата“, по сценарио на Бранд Ферро и Петра Селишкар, која е и режисерка. Истата вечер од 20 часот е „Тело“, копродукција на Словенија, Македонија и Хрватска. На проекцијата ќе присуствува Митко Филев, еден од протагонистите во филмот.

На 25 ноември од 18 часот ќе биде прикажан филмот „Се прашувам кога ќе ти недостигам“, во режија на Франческо Феи. Од 20 часот ќе игра музичкиот документарец „Мојот превртен свет“, кој е сценарио и режија на Петра Селишкар.

Ретроспективата ќе продолжи на 27 ноември со филмот „Денови на лудило“ на Дамиан Ненадиќ, а последната вечер е посветена на бендот „Бернајс пропаганда“. Од 18 часот е проекцијата на „Мама Европа“ на Селишкар, а од 20 часот ќе биде прикажан музичкиот документарец „Ако никој не свири“ на Ѓорѓи Јаневски, кој одблиску ги следи почетоците на „Бернајс пропаганда“.

Ретроспективата се одржува во рамките на проектот „Месец на европски филм“.

(Фото: Екипата на документарецот „Тело“ на премиерата во Куршумли ан во Скопје во август)