На 5 ноември, во Францускиот институт во Скопје ќе има промоција на македонскиот превод на романот „Настанот“ од Ани Ерно, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022. Романот го издаде издавачката куќа „Илика“.
На книжевната средба ќе говорат Катерина Шекутковска, уредничка во издавачката куќа „Илика“ и Елисавета Поповска, преведувачка на романот „Настанот“ и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Средбата ќе ја модерира Ведран Диздаревиќ, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и познавач на делото на Ани Ерно.
Романот „Настанот“ е едно од позначајните дела на современата француска писателка Ани Ерно, во кое таа искрено и прецизно пишува за интимното искуство, телото, положбата на жената и сеќавањето. Преку лично сведоштво, авторката отвора прашања со силно општествено значење, кои остануваат актуелни и денес.
Настанот ќе се одвива на македонски јазик.