ПО БИТОЛА, РЕТРОСПЕКТИВАТА НА ДЕЛА ОД УМЕТНИЧКАТА КОЛОНИЈА „АРТ ПОИНТ ГУМНО“ ДОАЃА И ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ретроспективната изложба на дела од постојаната колекција на „Арт поинт Гумно“ од демирхисарското село Слоештица од утре (22 ноември) ќе биде претставена и во Младински културен центар во Скопје. Изложбата, што летово беше поставена во Офицерскиот дом во Битола, ќе биде отворена до 2 декември.

„Од 22 ноември до 2 декември, скопјани ќе можат да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници од 20 земји од светот“, стои во најавата на изложбата.

Оваа поставка е завршниот настан од одбележувањето на 20 години постоење на „Арт поинт Гумно“, визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003, на креативното гумно во Слоештица поминаа 80 уметници од целиот свет.

Свеченото отворање на изложбата во 20 часот.

(Фото: Фејсбук)