ЦИРИХ И СИНГАПУР ПРОГЛАСЕНИ ЗА НАЈСКАПИ ГРАДОВИ НА СВЕТОТ ЗА 2023

Њујорк, (Ројтерс)

Сингапур и Цирих ја делат титулата на најскапи градови на светот за 2023, стои во годишното истражување на Economist Intelligence Unit (ЕИУ), предупредувајќи дека глобалниот раст на животните трошоци сѐ уште не е готов. Минатата година, на првото место беа Сингапур и Њујорк.

Сингапур ја предводи листата на ЕИУ деветти пат во последните 11 години, благодарение на високите цени во неколку категории. Овој град-држава го има најскапиот транспорт на светот, што се должи на строгите владини контроли на бројот на автомобили, како и некои од највисоките цени на облека, намирници и алкохол.

„Подемот на Цирих на листата произлегува од силата на швајцарскиот франк и високите цени на намирници, предмети за домаќинство и рекреација“, се вели во извештајот.

Следни на листата се Женева, Њујорк, Хонгконг, Лос Анџелес, Париз, Копенхаген, Тел Авив и Сан Франциско. Истражувањето беше спроведено од 14 август до 11 септември, при што биле споредувани над 400 цени на повеќе од 200 производи и услуги во 173 градови.

(Фото: Гети)