ПРВИОТ ПОДОЛГ ФИЛМ СО БИБИ И БОБИ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА 21 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот подолг анимиран филм со Биби и Боби ќе има премиера на 21 декември во киното Синеплекс во Скопје. Насловен „Биби и Боби: Звуците на Нова година“, филмот во режија на Димитар Аризанов и Јосип Здравковски трае 45 минути.

Гласовите ги позајмуваат Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски, Сашка Димитровска и Дамјан Цветановски, што навестува дека во филмот се појавува плејада добро познати ликови.

Ох, што се случува со звуците на Новата година? Зошто ниедна мелодија не е како што треба и зошто се испревртени зборовите во сите песни на светот? На светот? Подобро речете, во целата бесконечна вселена. Но, ако мислевте дека нема кој да го реши проблемот, погрешивте. Биби, Боби, снешкото Гого, Дедо Мраз од Заз, роботчето Р1, но и мистериозните чувари на Заз се обединуваат да ја спасат целата музика во универзумот“, стои во најавата на филмот.