ПОТРОШИВМЕ 25.000 ЕВРА ЗА ДА ЈА УКРАСИМЕ ЦЕЛА КРИВА ПАЛАНКА ЗА НОВА ГОДИНА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИТОВСКИ

Крива Паланка, (СМАРТ СДК.МК)

Во Крива Паланка нема да има организиран дочек на Нова година, туку повеќе различни забави на плоштадот до 31 декември. Годинава не е украсен само плоштадот како лани, украси има и на влезот и излезот на градот, на главната улица и плоштадот и во паркот, велат од Општината.

Оваа година, новогодишното украсување е само со средства од општината (Фото: Општина Крива Паланка)

„Оваа година одлучивме да го накитиме целиот град, не само плоштадот. Дел од украсите се веќе постоечки, а купивме и нови. Има куќички, за чие изнајмување е објавен оглас. Деновиве ќе почне и новогодишниот базар. Две години градот го украсувавме со донации, а оваа година, само со средства од Општината. Издвоивме милион и пол денари, односно околу 25.000 евра од буџетот на Општината“, вели градоначалникот Сашо Митовски.

За забавите на плоштадот, Митовски најави дека акцентот ќе се стави на забавите за деца, а дополнително ќе се објави кој ќе настапува пред Нова година.