Британскиот милијардер Џим Ретклиф се согласи да купи 25% акции на Манчестер јунајтед во зделка вредна 1,3 милијарди долари. Седумдесет и едногодишниот Ретклиф исто така се обврза да вложи 300 милиони долари во стадионот „Олд Трафорд“.
Тој остана единствениот наддавач откако катарскиот банкар Јасим бин Хамад Ал Тани во октомври ја повлече понудата за стопостотно купување на клубот.
Роден во Манчестер, Ретклиф е претседател на петрохемиската компанија „Инеос“ и вели дека е долгогодишен обожавател на клубот. Тој лани се обиде да го купи Челзи.
„Како локално момче и доживотен поддржувач на клубот, многу сум задоволен што успеавме да се договориме со управниот одбор на Манчестер јунајтед, кој ни ја предаде менаџерската одговорност за фудбалските операции на клубот“, рече Ретклиф.
Неговата компанија е сопственик и на фудбалските клубови Ница, Лозана и Рејсинг клуб Абиџан (Брегот на Слоновата Коска).
Американското семејство Глејзер досега поседуваше 69% акции на клубот и по оваа зделка ќе остане мнозински сопственик.
(Фото: Гети)