ЕНДИ ВОРХОЛ ВО ВАТИКАН

Ватикан, (Дојче веле)

Ватиканските музеи во Рим подготвуваат изложба за следната година со дела од американскиот поп арт уметник Енди Ворхол.

Ворхол е најпознат по портретите на Мерилин Монро, но во последната година од својот живот насликал повеќе од 100 слики инспирирани од „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи. Исто така, познато е дека уметникот често присуствувал на миса во црквата „Св. Винсент Ферер“ во Њујорк.

„Ватиканските музеи и Музејот ’Енди Ворхол’ во Питсбург ги финализираат деталите од изложбата“, изјави директорката на Ватиканските музеи Барбара Џата за Католичката новинска агенција КНА.

Џата рече дека истражувањето на „мистичниот Ворхол” е прекрасна идеја, но проектот мора да биде подетаљно дефиниран и додаде оти немаат конкретен датум за изложбата.

Според весникот „Арт“, изложбата ќе биде прикажана и во Рим и во Питсбург, каде што Ворхол пораснал.

„За нас е многу важно да имаме дијалог со современата уметност. Ние живееме во свет на слики и црквата мора да биде дел од овој разговор“, изјави Џата.

Весникот додава дека на изложбата во 2019 ќе се претстават слики од серијата „Тајната вечера“ од 1986 година, како и циклусот со черепи и филмови и архивски материјали.

Ворхол почина во 1987 година на возраст од 58 години.