БАДЕМИТЕ СЕ ДОБАР ИЗБОР ЗА УЖИНА И ПОМАГААТ ЗА СЛАБЕЕЊЕ, ИАКО СОДРЖАТ МАСТИ

Лондон, (Мирор)

Студија спроведена на Кралскиот колеџ во Лондон покажа дека ако 18 недели постојано се храниме здраво, се намалуваат крвниот притисок и мастите во крвта.

Сара Бери, професорка по нутриционистички науки и Тим Спектор, професор по генетска епидемиологија, спроведоа студија и ги открија придобивките од грицкањето бадеми. Една рака бадеми содржи здрави влакна и масти.

„Знаеме од истражувањето што го направивме дека ако јадете бадеми, околу 30 проценти од калориите се излачуваат поради нивната структура, така што тие се одлична закуска“, објасни Бери.

Јадењето бадеми може да помогне во губењето тежина и во намалувањето на чувството на глад. Истражувачите заклучиле дека бадемите, и покрај високата содржина на масти, имаат структура која овозможува излачување на поголем процент од калориите, што ги прави одличен избор за ужина.

Бадемите се многу добар извор на антиоксиданси кои го намалуваат нивото на слободните радикали во телото. Научниците открија дека бадемите можат да го намалат ризикот од многу видови рак, особено на дебело црево, простата и на дојка.