ИСУШЕНА ГРАДИНА ВО АВСТРАЛИЈА ПОБЕДИ НА ПРВИОТ ИЗБОР НА НАЈГРД ТРЕВНИК НА СВЕТОТ

Стокхолм, (Гардијан)

Градина која повеќе наликува на пејзаж од Месечината, со овената трева и жални растенија збрчкани под австралиското сонце, е избрана за најгрдиот тревник на светот. Титулата ѝ припадна на Кетлин Мареј од Тасманија, која беше прогласена за победничка на шведско натпреварување кое промовира штедење вода и еколошко градинарство, кое доби глобален карактер.

Тревникот на Мареј во Сендфорд победи конкуренти од Германија, Франција, Канада, Хрватска, Шведска, САД и Велика Британија.

Мареј живее во област без водоводна мрежа, па затоа дождовницата собрана во резервоари е премногу скапоцена за да се троши на тревникот. Ако таа и нејзините четири тинејџерски деца останат без вода во лето, може да чекаат и две недели пред да им се достави вода преку цистерна.

„Дали сакате земјоделците да имаат доволно вода за да произведуваат храна или сакате да играте некаков нацистички натпревар со вашите соседи за да ги натерате да љубоморат колку е зелен вашиот тревник? Луѓето можат да штедат вода, да им помагаат на животните и да се ослободат од тиранијата на одржување тревник“, вели Мареј.

Натпреварувањето почна на Готланд (Шведска) пред две години, откако овој популарен туристички остров претходното лето останал без вода на неколку часа.

„Понекогаш има притисок врз луѓето да го одржат својот тревник зелен и уреден. Ова е нежен начин да ги поттикнете луѓето на акција и автоматски ве претвора во климатски херој со тоа што не правите ништо. Треба да го започнеме разговорот како да заштедиме вода. Тоа е глобален проблем“, изјави Мими Гибсон од локалната власт на Готланд.