По Талин, Валенсија ја презеде титулата Зелена престолнина на Европа за 2024, што ќе биде проследено со над 400 одржливи настани.
Оваа титула се доделува од 2010 и успеа да поттикне здраво ривалство помеѓу големите градови во ЕУ, додека прават транзиција кон чиста енергија и се обидуваат да ја заштитат природата и да ги подобрат животите на своите граѓани.
Кога станува збор за зеленилото, шпанскиот град веќе има силна основа. Во Валенсија има над два милиона квадратни метри градини, а на само десет километри од центарот се наоѓа националниот парк Албуфера, заштитена лагуна која често се нарекува белите дробови на градот.
Мотото на Валенсија е „Во заедничка мисија“ и градските власти беа фалени што соработуваат со жителите за да се остварат еколошки цели и климатска неутралност. Со цел градот да стане јаглеродно неутрален до 2030, низ градот веќе се почнати бројни пробни иницијативи. Така во соседниот Лас Навес е создадена „социјализирана соларна централа“, која 80% е финансирана од поединци, а долж морскиот брег во градот е поставено паметно осветлување со над 20.000 светилки опремени со технологија за штедење енергија. Тие исто така служат како полначи за електрични автомобили.
Во рамките на годинашните активности планирано е Албуфера да се прогласи за биосферен резерват и да се создадат три нови зелени коридори низ градот, со кои ќе се нагласи напредокот во три клучни области: природа, одржлива мобилност и обновување на јавниот простор за уживање на граѓаните.