ЉУБОВТА НЕ Е ГАРАНТНО ПИСМО, ВЕЛИ ДАНИ ДИМИТРОВСКА ЗА НОВАТА ПЕСНА „ЌЕ МЕ САКАШ ЛИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За новата песна „Ќе ме сакаш ли“ поп-пејачката Дани Димитровска вели дека ги опишува луѓето кои сакаат да се осигураат за нешта за кои не е можно.

„Поседуваме некаква ментална опсесивност да се осигураме за работи кои e невозможно да се осигураат. Љубовта не е гарантно писмо. Оттаму и поривот за најновата песна ‘Ќе ме сакаш ли’, која е симпатичен приказ на сето тоа. Љубовта се живее, не се планира, а најмалку се гарантира. После ‘Има љубов во нас’, која беше првенче од четвртиот студиски албум во најава, ова е втора песна од тој албум“, ни изјави Дани Димитровска.

Композитор и текстописец на песната е Весна Малинова, а аранжманот е на Јордан Манов. Спотот за „Ќе ме сакаш ли” е веќе достапен на Јутјуб, а македонската и англиската верзија се поставени на сите музички платформи. Режијата на спотот е на Марио Станковиќ, а Ени Вучидолова е асистент режисер. Спотот е во продукција на „2by4Digital“.

Дани Димитровска е 25 години на музичката сцена и оваа година планира да го прослави јубилејот со концерт.

„За концертот ќе објавам кога ќе дојде време, сега сме фокусирани на промоцијата на сингловите“, додава таа.

М. ЏАРОВСКА