УЧЕВ ЗА ЖИВОТОТ НА ЏЕЈ ОД НЕГОВИТЕ СОСЕДИ, ВЕЛИ АКТЕРОТ БАЈРАМ СЕВЕРЏАН КОЈ ВО ФИЛМОТ „НЕДЕЛА“ ГО ИГРА ТАТКОТО НА РАМАДАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На идеја на кастинг директорот Слободан Дедеиќ, актерот Бајрам Северџан добил покана за кастинг во филмот „Недела“ (Недеља) за животот на пејачот Џеј Рамадановски, кој сношти ја имаше премиерата во Скопје.

Северџан го глуми таткото на Рамадановски и вели дека никогаш не го запознал пејачот од Србија со потекло од Македонија. „Музиката на Џеј ја слушав само во кафеана, кога пиев, инаку не ми била блиска. За неговиот живот, учев од неговите соседи“, ни кажа актерот пред премиерата. Северџан вели дека Дедеиќ со кого и претходно има соработувано во филмовите на Емир Кустурица, како „Црна мачка, бел мачор“ им кажал на продуцентите на „Недела“ дека не може да се снима филм за познат Ром со непознати актери.

Северџан најави снимање на неколку филмови оваа година (Фото: К. Попов)

„Затоа, тој нѐ предложил мене, Емра Куртишова и Санела Емин. За животот на Џеј Рамадановски дознав најмногу преку неговите соседи и пријатели од Дорќол во Белград, додека разговарав со нив. Тој бил многу народен и хуман човек. Таткото на Рамадановски, сите го опишаа како строг, човек кој се обидувал да го тргне својот син од улицата, но тоа го правел на несоодветен начин. Најтажниот дел од филмот, кој и јас така го доживеав е моментот кога таткото го остава својот син во дом за деца без родители“, ни изјави Бајрам Северџан.

Актерот, кој е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од Друштвото на филмски работници во 2021, вели дека оваа година, ќе снима неколку филмови за кои потпишал договори од Јани Бојаџи, Дина Дума, Игор Иванов- Изи и српскиот режисер Вук Богдановиќ.

Санела Емин, Емра Куртишова, Хусеин Алијевиќ и Бајрам Северџан пред премиерата на филмот „Недела“ вчера во Скопје (Фото: К. Попов)

„Јас сум единствениот кој го познаваше Џеј, а сличноста ни е што и двајцата имаме македонско потекло, тој од Струга, јас од Куманово по мајка и од Гостивар по татко“, ни рече Хусеин Алиевиќ- Хуса од Белград, главниот лик во филмот. „Како дете се занимвав со танц, играв со групата ‘Бит стрит’, и паметам кога Рамадановски дојде во салата каде што вежбавме за да нѐ види, пред да почнеме да соработуваме се шегуваше со нас. Иако тој беше главно весел човек, имал тажен живот, а една од сцените кои требаше да ја играм за мене беше особено тешка. Тоа е моментот кога братучедот на Џеј, Џамба кој го игра Марко Јанкетиќ му пишува песна и му ја свири. Таа солза која ја гледате во филмот не е одглумена. Просто е неверојатно дека поминаа повеќе од две години откако Џеј го нема, а јас веќе играм главна улога во филм за него“, вели Алијевиќ.

Хусеин Алиевиќ ја игра главната улога во филмот „Недела“ (Фото: К. Попов)

„Додека баба ми и дедо ми беа живи, до својата десетта година, македонскиот ми беше мајчин јазик, дома зборувавме македонски, но веќе 30 години послабо го користам. Но македонските народни песни останаа мои и денес ги пеам“, вели Алијевиќ и додава оти му е драго што филмот го вратил на танцот и на пеењето, со кои долго се занимавал.

Емра Куртишова која ја игра мајката на Џеј, кажа дека кога требала да ги снима првите сцени во Белрад, дознала дека е бремена. „Интересно е што јас многу слабо го знам српскиот јазик, и тоа ми беше еден од предизвиците во филмот. Иако мајката на Џеј како лик добива негативи критики затоа што го остава своето дете, не е точно дека не го сака синот, туку таа е жена која сака да воведе ред“, вели Куртишова. Од февруари, таа му се враќа на својот матичен Театар за деца и младинци по кусото породилно отуство. „Не знам која претстава ќе ја играм, но возбуена сум и имам трема како првпат да играм на таа сцена“, вели актерката, популарна по ликот на Исаура од серијата „Преспав“.

Мајката на Рамадановски ја игра Емра Куртишова (Фото: К. Попов)

Санела Емин ја игра тетката на Џеј Рамадановски и вели дека нејзиниот лик е повеќе развиен во серијата од 12 епизоди. „Првично, бабата на Џеј треба да ја има оваа улога, но поради тоа што жената која ја глуми е неписмена, нејзините реплики ги добив јас како тетка. Фантастично искуство беше работата со екипата од Белград“, ни кажа Емин. Таа игра и во филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, и вели оти е пријатно изненадена од реакциите од луѓето во Шуто Оризари.

Санела Емин која играше во „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски ја игра тетката на Џеј Рамадановски во филмот (Фото: К. Попов)

„Мислев дека меѓу Ромите ќе има лоши критики по тој филм, но не е така, напротив“, вели актерката која работи како заменик директор во основото училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари. Во училштето и во својата населба, таа ги едуцира младите таленти за глума и вели дека Ромите треба да добијат свој театар. По премиерата на филмот, истата порака до властите ја упати и актерот Бајрам Северџан.

Филмот во режија на Немања Ќераниќ и Милош Радуновиќ.е насловен според една од најпознатите песни на Рамадановски и е на редовниот репертоар во киното „Синеплекс“ .

М. ЏАРОВСКА