Цената на влезниците за културните институции ќе биде намалена за 50 отсто за студентите, со меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Александар Николовски.
За поевтин билет во националните установи, студентите ќе треба да приложат индекс со заверен семестар.
Овој меморандум ги опфаќа сите национални установи во државата, а целта е студентите да имаат еднаква можност на културната сцена, да се зголеми нивното присуство во културните установи, да имаат можност да ги посетат сите културни настани кои ги организираат националните установи во државата и да се олесни нивниот стандард.
„Она што досега беше регулирано само на ниво на установи, сега го регулираме на ниво на целото Министерство, со тоа што на локалните установи само ќе им укажеме дека оваа мерка ја потпишавме. Потоа тие ќе одлучат како понатаму ќе постапат“, рече министерката.
Фото: МИА