ПРВПАТ КОГА БЕВ ВО СКОПЈЕ, КАЈ АКИ РАХИМОВСКИ ДОМА ЈАДЕВМЕ ЛУТИ ПИПЕРКИ, РЕЧЕ ХРВАТСКИОТ МУЗИЧАР ЈУРИЦА ПАЃЕН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот музичар Јурица Паѓен во Скопје промовираше два нови албума: со најголемите хитови што ги испеал со групата „Аеродром“ и студискиот соло албум „Дневни ритуали“ во издание на „Кроација рекордс“. Како поддршка, на средбата со новинарите, која ја водеше новинарот Иван Беќковиќ, дојде и поп-пејачот Владо Калембер.

Паѓен и Калембер утревечер во Скопје ќе настапат на концертот „Ги паметам само среќните денови“ (Памтим само сретне дане) со дел од музичарите на Филхармонијата, на кој ќе се изведат хитови од хрватската поп-рок сцена.

„Ќе ја пеам ‘Ана’ и уште неколку песни од ‘Сребрна крила‘“, најави Калембер.

Паѓен се присети на неговото прво доаѓање во Скопје, додека бил член на групата „Парни ваљак“, кога бил дома кај Аки Рахимовски.

„Бевме кај Аки на вечера, мајка му ја подготвуваше. Се сеќавам дека на масата имаше некои лути пиперчиња и Аки изеде едно како од шега, а потоа пробав и јас и ми се слоши колку беше луто“, рече Паѓен.

Тој беше член и на „Група 220“ и „Азра“ со легендарниот Џони Штулиќ.

„Попрво би ги составил ‘Битлс’ отколку да го убедам Џони да се врати на сцената“, рече Паѓен, кој за групата „Азра“ има напишано четири песни.

Една од песните кои ќе ги пее утре на концертот во Филхармонијата е и неговата „Фратело“.

На пресот дојде и композиторот Григор Копров, кој е добар пријател со Калембер и Паѓен.

„Се надевам дека Јурица ќе дојде годинава на Охрид фест како главна ѕвезда“, рече Копров, кој е директор на фестивалот.

М. ЏАРОВСКА