Краткометражниот филм „Амин“, во режија на Ана Марија Јанковиќ, која студира режија во Скопје, премиерно беше прикажан сношти во 3Д Киното во Битола, нејзин роден град. Младата режисерка во филмот ангажираше битолска актерска екипа. Петар Горко, Маја Андоновска-Илијевски и Петар Мирчевски.
„Многу ми е драго што една девојка која студира во Скопје, а е по потекло од Битола собра битолска екипа и направи филм кој верувам ќе се гледа на многу филмски фестивали. Мојата желба за Ана Марија е да снима уште многу филмови во иднина и да не заборава дека нејзиниот почеток бил тука, од Битола“, рече актерката Маја Андоновска-Илијевски по премиерата на филмот.
̀Дејството во „Амин“ се одвива во 1950, кога поранешниот фашистички офицер Бенедикт доаѓа во судир со психичките последици од војната. Продукцијата е на „Генерал филм студио“, продуцент е Дарио Јанковиќ, директор на фотографија Христијан Тодоров, сценограф и костимограф Зоран Николовски, а автор на музиката е Димитар Андоновски. Скопската премиера е закажана за утре (14 март) од 19 часот во киното Синеплекс.
Ж. ЗДРАВКОВСКА