ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ ЌЕ ОДРЖИ КОНЦЕРТ СО БИТОЛСКИОТ ДУВАЧКИ ОРКЕСТАР НА ФЕСТИВАЛОТ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Драган Мијалковски ќе настапи со Битолскиот дувачки оркестар, на 29 ноември од 20 часот, во рамките на 18. Фестивал на музика од светот. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура во Битола. Мијалковски ќе пее во проширен состав со гудачки инструменти и околу 30 музичари на сцената. Аранжманите за концертот ги подготвува музичарот Дамир Имери, кој ќе биде и специјален гостин.

Ова беше најавено на прес-конференцијата во Центарот за култура во Битола, на која беше претставена програмата на фестивалот, кој ќе се одржи од 25 до 30 ноември под мотото „Музички крстопат“.

Селекторот Благојче Трајковски рече дека концертот на Мијалковски ќе биде посебна можност неговите песни, кои со децении поврзуваат генерации, да се слушнат во нови оркестарски аранжмани. Тој кажа дека програмата е избрана меѓу голем број кандидати од Европа, со акцент на различните музички традиции и современиот авторски израз.

Фестивалот ќе биде отворен на 25 ноември со концерт на босанската пејачка на модерни севдалинки Амира Медуњанин. На 26 ноември ќе настапат македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски, кој живее и работи во Шпанија, и битолскиот бенд „Код 369“. На 27 ноември во Народниот театар во Битола ќе гостува групата „Сарсале“ од Барселона со фламенко и шпанска музика, а на 28 ноември ќе настапи групата „Мартеница“ од Турција.

На завршната вечер, на 30 ноември, ќе настапи Елена Баклава со нов музички материјал создаден по нејзините музички истражувања во Турција, а потоа и женското вокално трио „Мандили“ од Грузија, кое изведува традиционални грузиски песни.

Директорот на Центарот за култура во Битола, Сашо Илоковски, рече дека фестивалот продолжува да биде место за средба на различни култури и музички традиции.

„Оваа година фестивалот го реализираме под мотото ‘Музички крстопат’, испраќајќи порака дека музиката не познава граници и разлики, туку претставува универзален јазик што ги поврзува луѓето“, рече Илоковски.

Покрај концертите, ќе бидат отворени и две изложби. На 25 ноември ќе биде претставена „Бучава што создава идентитет“ на Тошо Филиповски, а на 28 ноември во горното фоаје на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на Жаклина Николовска.

Фестивалот започна во 2009 година под името „Етно фест“, а од 2010 го носи сегашното име. Низ годините на него настапиле Ричард Галијано, Наташа Атлас, Божо Вреќо, Јелена Томашевиќ, Каролина Гочева, Љубојна, Џамбо Агушев и други музичари.

Билетите се продаваат преку kartick.mk и на билетарницата на Центарот за култура во Битола.

 

Ж. ЗДРАВКОВСКА