ЕВРОВИЗИЈА ЌЕ БИДЕ ТЕМАТА НА ШОУТО „ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“, КОЕ ЌЕ ИМА ДВЕ ПРЕТСТАВИ ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Евровизија ќе биде темата на годинашното шоу „Глумците пеат“, кое ќе се одржи на 29 и на 30 март од 20 часот во Операта. На својата фејсбук страница, „Глумците пеат“ најави дека насловот на шоуто ќе биде „Нема да одиме на Евровизија, но таа доаѓа кај нас“.

„Ова издание ќе биде тематско, повеќе како претстава. Ги имаме избрано концептот и песните“, изјави Маја Бабиќ, организаторка на настани и продуцентка.

Режисер на шоуто е Дејан Пројковски, а ќе свири Биг бендот, со кој ќе диригира Љупчо Мирковски.

Маја Бабиќ е ќерка на актерот Марин Бабиќ, кој ги создаде „Глумците“, а лани со нејзината сестра Ира го вратија шоуто на сцена во негова чест. Марин Бабиќ почина на 16 октомври 2022 по кусо боледување.