СПИЕЊЕТО ВО „ДВЕ СМЕНИ“ И ДРЕМКАТА ПОМАГААТ ЗА ПОКВАЛИТЕТЕН СОН

САД, (Би-Би-Си)

Во светот, многу луѓе се жалат дека недоволно спијат. Само во САД, се проценува дека меѓу 50 и 70 милиони луѓе страдаат од маката, а на глобално ниво, таа дури е наречена и епидемија. Сепак, постојат некои едноставни прилагодувања, психолошки и физички кои може да помогнат да се подобри квалитетот на сонот.

По повод 15 март, кој се смета за светски ден на спиењето, Би-Би-Си објави водич како да имаме поквалитетен сон.

Денес, кога луѓето се будат среде ноќ, обично паничат, но не треба да веруваме дека треба да спиеме непрекинато осум часа. Тоа не било секогаш така. Со милениуми, луѓето прво спиеле кратко, a потоа се буделе па пак заспивале. Оваа заборавена античка практика на „две смени“ помага за поквалитетен сон.

Како што пристигнува пролетта, може да забележите дека ви треба помалку сон и дека ви е полесно да станете од кревет наутро. Истражувањата покажуваат дека ни треба повеќе сон во текот на темните, студени зимски месеци отколку во текот на летото. Тоа е затоа што луѓето доживуваат сезонски сон. Според едно германско истражување, луѓето доживеале подолг длабок сон во декември отколку во јуни.

Истражувањата покажуваат дека редовната дремка е добра за нашето здравје. Според една студија од 2023, вообичаеното дремење може да го одложи стареењето на мозокот за помеѓу три до шест години. Кратките дремки, кои не траат подолго од 15 минути, можат веднаш да го подобрат менталното здравје.

Ако се гушкаме во кревет за добра ноќ со партнерот, и тоа помага за помирен сон. До 19 век, повеќето луѓе спиеле заеднички. Колку сон ни треба на сите може да варира од личност до личност, со препораки за помеѓу седум и девет часа

Фото: Фрипик