ПОПЛАДНЕВНАТА ДРЕМКА ГО ОДЛОЖУВА СТАРЕЕЊЕТО НА МОЗОКОТ И Е ДОБРА ЗА ЗДРАВЈЕТО, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Лондон, (Би-Би-Си)

Редовните дремки се добри за долгорочното здравје на нашиот мозок, покажува студијата од 2023 на Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Уругвај.

Во многу култури, како на пример во Шпанија и Јапонија, попладневната дремка е секојдневен ритуал. Кратките дремки се растечки тренд во светот, па така и технолошките гиганти како „Гугл“, „Самсунг“ и „Фејсбук“ имаат простории за одмор во своите канцеларии.

Студијата покажува дека дремката може да помогне да го задржиме нашиот мозок поголем подолго време и да го зајакне целокупното здравје. Научниците анализирале податоци од 35.000 луѓе, на возраст од 40 до 69 години, кои учествувале во студијата на UK Biobank, биомедицинска база на податоци за истражување. Тие ги анализирале претходно идентификуваните фрагменти од ДНК поврзани со луѓе кои често дремат.

Мозокот на луѓето кои дремеле неколку пати неделно бил за повеќе од 15 кубни сантиметри поголем од мозокот на луѓето кои никогаш не дремеле.

Ова е еднакво на одложување на стареењето на мозокот за помеѓу три до шест години, вели авторката на истражувањето Викторија Гарфилд.
„Големото откритие беше дека дневната дремка е прилично цврсто поврзана со поголем волумен на мозокот“, вели Гарфилд. Мозокот природно се намалува со возраста и помалиот волумен на мозокот е поврзан со широк спектар на болести.

„Луѓето кои имаат помал волумен на мозокот имаат поголема веројатност да имаат повисоки нивоа на хормонот на стрес кортизол, или дијагноза на апнеја при спиење“, вели Гарфилд.

„Сè што можете да направите за да ја зачувате големината на вашиот мозок што е можно подолго, е добра работа. Тоа е навистина позитивна порака дека дремката може да му помогне на мозокот“, вели таа.

Фото: Гети