„Ворнер брос“ го објави првиот трејлер за „Битлџус Битлџус“ (Beetlejuice Beetlejuice), продолжение на култната хорор комедија од 1988, во која Мајкл Китон игра демон. Китон, кој подоцна се прослави како Бетмен, ѝ се врати на оваа улога по цели 36 години и вели дека одамна така не се забавувал на едно снимање.
Режисер повторно е Тим Бартон, а од оригиналната постава се враќаат и Винона Рајдер и Кетрин О‘Хара. Им се придружуваат Моника Белучи, Вилем Дефо, Џена Ортега и Џастин Теро.
„По неочекувана семејна трагедија, три генерации на семејството Диц се враќаат дома во Винтер Ривер. Сѐ уште опседната од Битлџус, животот на Лидија се превртува наопаку кога нејзината ќерка тинејџерка Астрид го открива мистериозниот модел на градот на таванот и случајно се отвора порталот за задгробниот живот. Додека се зголемуваат проблемите во двата света, прашање на време беше кога некој ќе го изговори името на Битлџус трипати за немирниот демон да се врати“, стои во најавата на филмот.
Бартон и Китон се согласиле дека не сакаат да има премногу специјални ефекти во вториот дел.
„Јас и тој одлучивме рано дека ако некогаш го направиме тоа повторно, не би сакале да има премногу технологија. Мораше да изгледа како рачно изработено“, кажа Китон.
Премиерата е најавена за 6 септември 2024.