ДА ГИ НАУЧИМЕ ДЕЦАТА ДА НЕ СЕ МРАЗАТ, РЕЧЕ ГОРАН БРЕГОВИЌ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Горан Бреговиќ со неговиот Оркестар за свадби и погреби сношти одржа концерт во салата Јане Сандански” во Скопје, а како предгрупа одличен настап имаше Леб и сол”. Македонскиот рок бенд последен пат свирел со босанскиот музичар и неговото Бијело дугме” во 1977.

Се надеваме дека вечерва ќе биде уште подобро”, рече басистот Бодан Арсовски.

Свирејќи хитови со балкански мелос во аранжмани за дувачки состав со кои го развеселува целиот свет, Бреговиќ во Скопје дојде со поголем состав. Со машки хор и гудачки камерен оркестар, тој свиреше песни од неговите два последни албума „Три писма од Сараево” и Папокот на светот”.

„Леб и сол“ свиреше со Бреговиќ за првпат од 1977 (Фото: Ѓ. Личовски)

Новинарката на Си-Ен-Ен Ребека Смит слушнала за еден Евреин кој 60 години се моли пред Ѕидот на плачот во Ерусалим. Отишла таму да направи репортажа и го прашала за што се моли. ‘Се молам за мир помеѓу христијаните, муслиманите и Евреите, се молам војните и омразата да престанат, нашите деца да станат одговорни луѓе и да ги сакаат своите соседи, но 60 години се чувствувам како да зборувам со ѕид’, ѝ рекол човекот. Овој концерт е со таа порака. Да научиме да се сакаме и да ги научиме нашите деца да не чувствуваат омраза”, рече Бреговиќ.

Бреговиќ во Скопје дојде со поголем состав (Фото: Ѓ. Личовски)

Тој го напишал албумот Три писма од Сараево” за тројца виолинисти кои доаѓаат од три традиции: христијанската, еврејската и ориенталната и секој го свири инструментот на свој начин, со цел да ја покаже различноста низ музиката. Неговите познати Месечина”, Ова е Балкан” и Калашњиков”, која ја свири на бис, секогаш ја развеселуваат публиката, а така беше и во Скопје, со извикување на војничкото јуриш” на почетокот на хитот. „Оваа песна е сатирична, за оние кои сакаат да си играат со оружје“, кажа музичарот. 

Дел од песните на Бијело дугме” се препознаваат и во новите аранжмани на оркестарот на Бреговиќ, тие мелодии природно се дел од сите концерти. Музичарите и двете пејачки од Бугарија го направија најголемото шоу на Чај шукарије”.

Скопскиот концерт беше весел, публиката разиграна, а Брега и оркестарот дојдоа да ги видат вистинските фанови, зашто, за жал, салата не беше полна.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ