ДЕНЕС СЕКОЈ САКА ДА ЗЕМЕ МАЛКУ ОД ТРАПОТ, ПА И ТУРБОФОЛКОТ, ВЕЛИ ДРАГИ ОД КОЛЕКТИВОТ „ТДФУ“, КОЈ ПРОСЛАВИ 10 ГОДИНИ РАБОТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Oна што во 1990-тите беше техното денес е трапот, моментално во светот нема музика која е повлијателна од трапот, вели Драган Иванов-Драги (Druggy), еден од основачите на колективот „Трап да фак ап“ (Trap Da Fuck Up).

Најголемиот промотор на трап сцената во Македонија прослави десет години работа со журка во „Лабораториум“ во Скопје, која обедини 14 изведувачи, кои се изменуваа на бината од 15 часот до еден часот по полноќ.

Ние сме организација која промовира трап настани во последните десет години. Колективот низ времето еволуирал, но моментално јас и Секси Марса сме одговорни за организација. Но, многу артисти се вклучени во самите настани, па од тој аспект ова е отворен колектив“, вели Драги.

Трапот е музика на новите генерации, на урбани тинејџери, која доживеа метеорски подем во изминатите десетина години.

Ние сме платформа која им дава шанса на артистите да покажат тоа што го имаат, имаме и јутјуб канал. Во последните десет години, трап сцената и во Македонија и во светот премина од андерграунд до најмеинстрим звук, нешто што моментално е најпознато во поп-културата. Сите сакаат да земат залак, и локално на Балканот, па така влезе и во турбофолкот. Последниве десет години трап звукот е она што ги привлекува младите, па затоа и попот и турбофолкот сакаат да земат од тој звук. Она што беше техното во 1990-тите, сега е трап звукот, па нормално е да има мешања. Но, ние сакаме да промовираме поалтернативен звук, поандерграунд култура, она што е изворно“, вели Драги.

Тој појаснува од каде доаѓа името на овој музички стил.

Овој жанр потекнува од Атланта, од јужниот дел на САД. Артистите рецитирале за средината од која не можеле да излезат, за тешките услови, што сѐ правеле за да излезат од замката, односно trap на англиски. Од 2012-2013 почнува да се пробива низ светот и последните неколку години новиот поп-звук е трап звук“.

Трапот е поджанр на хип-хопот кој и самиот почнува да се развива понатаму.

Она по што се разликува е инструменталниот дел, ритмите се побавни, но има брзи перкусии и доста длабоки саб-басови. Различни артисти рецитираат различно, со што и самиот трап веќе се развива понатаму“, додаде Драги.

Г. КОНЕВ