Македонската делегација составена од 12 музејски работници беше најбројна на меѓународната конференција на Балканската музејска мрежа „Meet, See, Do!“ (Запознај, види, направи), што се одржа во Тиват, Црна Гора, а на која имаше 70 учесници од 17 држави. Завод и Музеј Битола го претставуваа Ефросинија Брешовска, Јове Парговски и Ирена Ружин, кои активно учествуваа во дискусиите и работилниците.
„Музејските работници мора да бидат пред кризата. Секогаш имало и ќе има кризи од различен вид и карактер, како временски непогоди, кражби и економски проблеми, но музејските работници мора да бидат подготвени уште пред да се случи кризата, тоа беше заклучокот на конференцијата“, вели Ружин.
Конференцијата се одржа во Тиват, а три работилници организираше домаќинот, Музеј и галерија Тиват. Главната тема беше зачувувањето на културното наследство за време на кризи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА