АГНИ АВШАР ЌЕ ПЕЕ НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ ЗА ЕЈМИ ВАЈНХАУС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Биографскиот филм за Ејми Вајнхаус „Back to Black“ од денеска (9 мај) ќе игра во киното Синеплекс во Скопје, а македонската премиера ќе биде проследена со настапот на пејачката Агни Авшар. Таа ќе отпее неколку песни на славната британска пејачка.

Филмот во режија на Сем Тејлор-Џонсон ја следи Вајнхаус низ нејзините динамични рани години во Лондон и интензивното патување до славата. Покојната пејачка ја глуми 27-годишната англиска актерка Мариса Абела, за која ова е прва голема улога.

Џек О‘Конел го игра бившиот сопруг на Вајнхаус, Блејк Филдер-Сивил, Еди Марсан е татко ѝ Мич, а во улогата на баба ѝ е Лесли Менвил. Филмот е снимен со одобрение на семејството на Вајнхаус, а Абела самата ги пее нејзините хитови.