КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ ГО СЛАВЕШЕ ЏО КОКЕР СО АВТЕНТИЧНА ИЗВЕДБА НА БЕНДОТ НА ПЕТАР ИСИРОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Додека едни славеа изборна победа, во една друга реалност, во скопскиот клуб „Маракана“ се славеше музиката на Џо Кокер. Ова благодарение на Котон блуз фестивал, кој состави амбициозен трибјут бенд на Џо Кокер, како прв од неколкуте планирани настани за оваа година, во која одбележува мал јубилеј – пет години од своето прво издание.

Добрите познавачи на ноќниот живот во Скопје велат дека никогаш немало десетчлен бенд на бината во „Маракана“. Од женските пратечки вокали, преку фронтменот Петар Исиров, до дувачката секција, во бендот немаше слаба алка. Некој да ја слушаше само музиката би можел да помисли дека е на концерт на Џо Кокер и неговата група.

Иако нарачан од Котон блуз фестивал, ова е проект на Петар Исиров, добро познат лик од клупските свирки, кој не случајно е познат како Перо Кокер, зашто од славниот англиски пејач се разликува само по фризурата. Исиров и екипата поминаа низ хитовскиот репертоар на Кокер со многу автентичност и емоции, а беа вклучени и обработки од Леонард Коен, „Инексес“ и „Битлс“,

Ова не е еднократен проект, туку би требало да стане официјален трибјут бенд на Џо Кокер, за што веќе се обезбедени потребните лиценци за изведување на песните.

Централниот настан на годинашниот Котон блуз фестивал е најавен за ноември.

Г. КОНЕВ

Фото: З. Петровски