Марко Ројс во голем стил ја завршува кариерата во дресот на Борусија Дортмунд. Покрај тоа што постигна гол во победата од 4:0 против Дармштат во последното коло на Бундеслигата, Ројс ги честеше пиво сите 81.000 навивачи кои дојдоа на неговото испраќање на стадионот „Сигнал идуна парк“.
„Ви благодарам сите! Прошталното пиво е на моја сметка“, кажа 34-годишниот Ројс.
Тој ќе има уште меч за Борусија, против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите, а потоа ќе го напушти клубот во кој првпат дојде во 1996. По настапите за Рот вајс Ален и Борусија Менхенгладбах, Ројс се врати во Дортмунд во 2012 и стана негова легенда, и покрај честите повреди кои, меѓу другото, го спречија да стане светски првак со Германија во 2014 година.
Засега е непознато каде Ројс ќе ја продолжи кариерата.
(Фото: СИПА)