Рок групата „Културно уметнички работници“ утре (25 мај) ќе одржи концерт во Младински културен центар во Скопје, со кој ќе прослави 25 години постоење. Јубилејот ќе биде одбележан и со објавувањето на плочата „25 мај“, концертен албум снимен во живо на 25 мај 2021 во кино Фросина во МКЦ. Издавачи на албумот се „Корпус деликти рекордс“ и „Кичма рекордс“.
Во својата 25-годишна кариера, „К.У.Р.“ има објавено шест студиски албуми и еден анплагд албум, а „25 мај“ ќе му биде прво винил издание. Овој бенд произлезе од дружбите на членовите на групите „Тотално опуштање“, „Ноу нејм нејшн“, „Бомбашки процес“, „Жолтица на бродот Баунти“ и „Рок агресори“.
Најавено е дека на претстојниот концерт „Работниците“ ќе се претстават со двочасовен сет и со репертоар од сите нивни изданија.
Фото: З. Петровски