СЛОНОВИТЕ КОРИСТАТ ИМИЊА КОГА МЕЃУСЕБНО СЕ ПОВИКУВААТ, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Лондон, (Гардијан)

Африканските слонови можат да се обраќаат едни на други користејќи индивидуализирани повици налик на човечки имиња, покажа ново истражување.

Познато е дека делфините се повикуваат меѓусебе имитирајќи го свиркањето на другиот делфин, а и папагалите се обраќаат едни на други на сличен начин, но слоновите одат чекор подалеку во меѓусебното идентификување. Тие учат, препознаваат и користат индивидуализирани повици како имиња за да им се обратат на другите слонови, навидум без да користат имитација, се вели во студијата објавена во списанието „Nature Ecology and Evolution“.

Истражувачите ги анализирале снимките од 469 различни повици направени од слонови во три национални резервати во Кенија од 1986 до 2022 година. Најчестиот вид на повик е татнеж, кој има три подкатегории. Таканаречениот контактен татнеж се користи за повикување слон кој е далеку или надвор од видното поле, а поздравувачки татнеж кога друг слон е во непосредна близина. Возрасна женка користи негувателски татнеж кон слонче за кое се грижи.

Истражувањето не само што покажува дека слоновите користат специфични вокализации за секој поединец, туку и препознаваат и реагираат на повикот упатен кон нив, додека ги игнорираат оние што им се упатени на другите“, рече водечкиот автор на студијата Мајкл Пардо.

Слоновите испуштаат широк спектар на звуци, од кои некои се толку ниски што човечкото уво не може да ги слушне. Имињата не се користеле секогаш во повиците на слоновите. Но, кога се изговарале, тоа често било на голема далечина и кога возрасните им се обраќале на младите слонови.

(Фото: АП)