„Ако ме држи здравјето, ќе трчам догодина“, рече 77-годишната битолчанка Доста Лазаровска, која лани беше највозрасната учесничка на ноќната женска трка „Биди своја“ во Битола, а годинава не настапи поради болка во ногата, но им додели признанија на другите повозрасни жени кои ги поттикнала да трчаат.
Учесничките на синоќешната втора трка „Биди своја“ кажаа дека годините се само бројка и дека жената, без разлика на возраста, мора да продолжи со физичка активност и да не се запоставува.
„Не се важни годините, важно е како се чувствуваш. Важно е да вежбаш, да спортуваш. Годините не се ништо, само бројка. Не застанувам цел ден, одгледувам пчели, имам бавча, по цел ден трчам со обврски од едниот до другиот крај на селото. Движењето е важно, а не да си речам дека сум возрасна и не треба да трчам“, вели Лазаровска.
На трката долга пет километри учествуваа 350 жени на возраст од 12 до 77 години.
„Мотивираме дека секоја жена може да си постави цели и да ги постигне. Да се промениме себеси. Како жени и мајки имаме многу обврски, знаеме колку ни е брзо и стресно секојдневието, но мора да најдеме време за себе, барем еден час, дали трчање, фитнес, јога“, рече Маја Атанасовска, организаторка на трката и фитнес инструкторка.
Ж. ЗДРАВКОВСКА