Астрономите успеале да детектираат сигнал од првите ѕвезди кои се појавиле и го осветлиле универзумот, во набљудувањето што е опишано како револуционерно.
Слабиот радиосигнал сугерира дека универзумот се кренал од целосната темница 180 милиони години по Биг бенгот, што е познато како космичка зора.
„Откривањето на овој минијатурен сигнал отвори нов прозорец кон раниот универзум. Не верувам дека за нашите животи ќе имаме можност да погледнеме подалеку во историјата на ѕвездите. Телескопите не можат да видат доволно далеку за да снимат директно такви древни ѕвезди, но ги забележавме откако се вклучија во радиобранови кои пристигнуваат од вселената“, изјави Џуд Баумен од државниот универзитет во Аризона, чиј тим го предводеше истражувањето.
После Биг бенгот, универзумот прво бил студен, безѕвезден простор, исполнет со водороден гас и радијација, која и денес се простира низ вселената. Во наредните 100 милиони години, период познат како мрачно доба, се формирале првите ѕвезди, кои биле масивни, сини и од краток век.
Баумен и нејзиниот тим ги направиле овие мерења благодарение на мала радиоантена во Австралија, наречена ЕДГЕС, која можела да го детектира слабиот сигнал од првите ѕвезди поради нивната оддалечена локација, далеку од радиосигналите создадени од луѓето.