СО ВЕЧЕРАШНИОТ КОНЦЕРТ ВО ОХРИД, ПОЧНУВА ЛЕТНАТА ТУРНЕЈА НА „ТАНЕЦ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (3 јули) од 20:30 часот, на сцената Долни Сарај во Охрид концерт ќе одржи „Танец“ во рамките на 63. Балкански фестивал на народни песни и игри. На 5 јули од 19 часот на Летната сцена на НУ Завод и музеј во Прилеп ќе има целовечерен концерт со изворен вокално-инструментален репертоар по повод отворањето на 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Ансамблот „Танец“ ќе настапи и на манифестацијата „Галичка свадба“ на 13 и 14 јули со ората „Тешкото“, „Невестинско“ и „Манукот“, а на 2 август ќе има концерти во Крушево и Пелинце по повод Илинден.

На 25 јули ќе одржи концерт на меѓународниот фолклорен фестивал „Илинденски денови“, каде ќе настапи целиот ансамбл со вокално-инструментална програма.

„Местото на одржувањето на концертот, како и на секоја летна манифестација, е во зависност од временските услови“, велат од „Танец“.

Јубилејната концертна сезона на „Танец“ продолжува во септември со балканската турнеја на проектот „Фолклорно-класична симбиоза“, заедничкиот проект со оркестарот и хорот на Националната опера и балет. Во меѓувреме ќе има настапи во Велес, Струмица и Свети Николе.