Кристијано Роналдо потврди дека Европското првенство во Германија му е последно во кариерата. Триесет и деветгодишниот Португалец го игра рекордното шесто континентално натпреварување и следниот меч му е четвртфиналето со Франција в петок.
„Без сомнение, ова е моето последно европско првенство. Но, не сум емотивен поради тоа. Сѐ уште имам голем ентузијзам за фудбалот и мојата главна мотивација сега е да ги правам луѓето среќни“, изјави Роналдо.
Со 14 постигнати голови и 28 одиграни натпревари, тој е рекордер на европските првенства, но во Германија сѐ уште не се запишал меѓу стрелците и дури не реализираше пенал против Словенија во осминафиналето. Роналдо беше доста критикуван по тој натпревар и некои кажаа дека веќе претставува товар за репрезентацијата.
„Роналдо е постојан пример за сите играчи во неговата татковина. Кога ќе видите играч, единствениот кој играл на шест европски првенства, со желба и верба како кај млад човек, тие емоции се неверојатни за некој кој освоил и доживеал сѐ“, изјави селекторот на Португалија, Роберто Мартинес.