ДЕНИ БОЈЛ ИЗБРА ДА СНИМА КОМЕДИЈА, МЕСТО ЏЕЈМС БОНД

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Оскаровецот Дени Бојл избра комедија за свој следен филм, иако се зборуваше дека е сериозен кандидат да го режира 25. филм за Џејмс Бонд.

Деталите за филмот засега не се објавуваат, освен дека тоа ќе биде музички инспирирана комедија, сместена во 60 и 70-ите години од минатиот век.

Бојл ќе го прави филмот со реномираниот британски сценарист Ричард Кертис, познат по „Дневникот на Бриџет Џонс“ и „Четири венчавки и погреб“, за кој беше номиниран за Оскар.

Компанијата „Јуниверзал“ најави дека снимањето на филмот ќе почне на лето, со што Бојл и дефинитивно отпаѓа од комбинациите за новиот Бонд, од кој претходно се откажа и Кристофер Нолан. Премиерата на следниот филм за агентот 007 е закажана за 8 ноември 2019 година.