СЕРЕНАДАТА ЌЕ Ѝ ГО ВРАТИ СЈАЈОТ НА БИТОЛА ПРЕКУ ФЕСТИВАЛОТ НА СТАРОГРАДСКИ ПЕСНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Серенадата како музички жанр на голема врата се враќа во Битола преку фестивалот на староградска музика „Ех, таа серенада“, кој ќе се одржи вечерва (11 јули) од 21 часот на платото пред Офицерскиот дом. Познати македонски пејачи ќе изведат песни од еминентни композитори.

„Ова можеби е единствениот фестивал во државата каде што пејачите и музичарите настапуваат во живо. Музиката е со поддршка на Камерниот оркестар. Ова е голем исчекор во зачувувањето на традицијата и македонската музика, на серенадата и на животот кој некогаш бил присутен. Имаме гости кои ќе бидат облечени во староградска облека и два пајтона. Ќе го вратиме сјајот на Битола како најопеан град во Македонија и на Балканот“, рече Благојче Божиновски, директорот на Културно-информативниот центар, кој го организира фестивалот.

Музичкиот соработник Миодраг Неќак рече дека од шеесетина серенади, стручно жири избрало 16, кои првпат ќе бидат изведени на фестивалот. Сите биле преслушани под шифра за да нема пристрасност.

„За нас е исклучително важно да се свртиме кон македонската авторска музика. Сѐ помалку фестивали даваат шанса на домашни автори и продуккции, има голем наплив од соседството. Важно ни е да има што повеќе песни кои ќе се пеат на македонски јазик во ралзични стилови, во случајот староградска серенада“, рече Тодор Ивановски, организатор во КИЦ Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА