Ѓоко Танески на најубав начин ги прослави 30-те години на сцената, со концерт на домашен терен, во Охрид, за првпат во Античкиот театар.
Танески се однесуваше како домаќин на почетокот од концертот, а беше испратен како ѕвезда на крајот, со два биса. Ги пречеуваше гостите, се поздравуваше со нив, и на некои им помагаше да се сместат пред сцената. Танески е еден од најдобрите наши машки поп вокали и секогаш е пејачки подготвен, а песните звучеа побогато во придружба на Камерниот оркестар од Битола со кој диригираше Владимир Димовски и Никола Мицевски како гостин на клавијатури.
„Едно време ме викаа ‘фиш’, ама ме викаа и Ѓоко силата. Сега ќе ви ја испеам таа песна“, рече тој како најава за евровизиската „Јас ја имам силата“. Во 2010, пред да ја претставува Македонија на Евровизија во Осло, Танески се пошегува со изјавата: „Се чувствувам како риба“, (I feel like a fish) мислејќи на тоа дека доаѓа од езерски град.
Гостин на концертот беше Драган Мијалковски, кој рече дека долги години имал желба да настапи на Античкиот театар.
„Јас да бев селектор, а Ѓоко спортист, ќе го земав во првиот тим во секој спорт. Се запознавме кога заедно пеевме во Скопје, на отворено пред Универзалната сала и драго ми е што ме покани вечерва“, кажа Мијалковски и во чест на легендарниот пејач Зоран Георгиев кој е по потекло од Охрид ја испеа неговата „Еден бакнеж“.
„Гласот ми се фати од возбуда, но со ваша помош овој концерт ќе биде најубав“, рече Ѓоко Танески. Како изненадување за публиката која пееше со него цело време и светеше со телефоните на баладите, тој испеа три охридски народни песни, во придружба на Никола Мицевски. Тој е автор на песната „Една љубов имам“ која ѝ ја посвети на Охрид, а публиката најубаво реагираше токму на неа. Танески најави дека подготвува нов албум со Мицевски.
За крај, ја остави баладата „Цветај, расцветај“ од „Макфест“ во 2005 која не победи на штипскиот фестивал но стана една од најслушаните. „На бис обично пејачите си одат па се враќаат. Јас не одам никаде“, рече пејачот пред првиот бис, а публиката го побара и на втор и остана во Антички и откако заврши концертот.
„Да сте живи и здрави и весели. Би сакал да се видиме и догодина, овој концерт да стане традиција“, рече Ѓоко Танески. При крајот од концертот, тој ја поздрави мајка му прашувајќи ја: „Мамо, играш ли“. Концертот од првите редови го следеа сопругата Розе и ќерките Анастасија и Михаела. Го организираше продукција „Фреш јунион“.
М. ЏАРОВСКА