ТИМОТИ ШАЛАМЕ ДОБИ ПОФАЛБИ ЗА ГЛАСОТ ПО ПРВИОТ ТРЕЈЛЕР ЗА НОВИОТ ФИЛМ ЗА БОБ ДИЛАН

Лондон, (Би-Би-Си)

Тимоти Шаламе може да се види и чуе како го пее Боб Дилан во првиот трејлер за нов биографски филм, во кој го глуми легендарниот американски музичар. Насловен „A Complete Unknown“, филмот кој ги следи почетоците на кариерата на Дилан треба да излезе во САД во декември, токму во предоскаровската сезона.

Филмот почнува со доаѓањето на Дилан во Гринич Вилиџ во Њујорк во 1961 само со акустична гитара и 12 долари во џебот, за четири години подоцна контроверзно да се префрли на електрична гитара.

На социјалните мрежи беше пофален гласот на 28-годишниот Шаламе, кој самиот пее во филмот, за што го ангажирал истиот тренер за глас и дијалект кој му помогнал на Остин Батлер во „Елвис“.

Првпат најавен во 2020, филмот прво го одложи пандемијата на ковид-19, а потоа и штрајкот на холивудските актери и сценаристи. Филмот доби целосна поддршка од самиот Дилан, кој на режисерот Џејмс Менголд му дал детални белешки за сценариото. Глумат и Едвард Нортон, Ел Фанинг, Моника Барбаро и Бојд Холбрук.