Планираниот биографски филм за Мадона, најавен во 2020, пропаднал поради несогласувањата околу висината на буџетот и предлогот да се снима во Србија, откри славната пејачка во интервју за магазинот „Интервју“. Овој филм требаше да го режира самата Мадона, по сценарио на оскаровката Дијабло Коди.
„Се појавија несогласувања помеѓу мене и студиото ‘Јуниверзал‘ околу буџетот. Имав исклучителен живот. Мојот живот беше огромен, па затоа ми беше потребен и голем буџет“, кажа Мадона.
Таа предложила продукцијата да се пресели во Србија за да се намалат трошоците, но студиото не ја прифатило таа идеја.
„Најдов начин да го снимаме филмот во Србија за помалку пари, но не им се допадна таа идеја. Не знам, можеби едноставно не веруваа во мене“, кажа поп-кралицата.
За главната актерка беше избрана Џулија Гарнер, но во 2023 се појавија извештаи дека филмот со работен наслов „Who’s That Girl?“ е откажан.
Во истото интервју Мадона откри дека не успеала ни идејата да сними серија за „Нетфликс“.
„‘Нетфликс‘ ми се обрати со идеја да направиме серија. Тоа ќе беше сосема поинаков и долг процес зашто не би можела да го користам сценариото напишано за ‘Јуниверзал‘“, рече Мадона.
(Фото: Фејсбук)