Дизајнерот на олимпискиот котел во Париз, Матју Леанер, кажа дека би бил почестен ако тој остане постојан дел од градската панорама, како Ајфеловата кула.
Од отворањето на Олимписките игри во петокот, илјадници луѓе резервираа бесплатни билети за да го видат одблиску котелот, кој по зајдисонцето се крева над Париз во балон на топол воздух.
„Среќен сум со ова што се случува, неверојатно е. Не ми се верува дека луѓето се собираат секој вечер по 20 часот, а потоа, кога котелот се крева во 22 часот, се создава извонредна атмосфера“, изјави Леанер.
Балонот и котелот првпат беа видени на крајот на петочната церемонија на отворањето на ОИ. Триесет метри високиот котел во вид на балон содржи огнен прстен со дијаметар од седум метри. Но, додека традиционалните балони на топол воздух се напојуваат со согорување на фосилни горива, огнениот прстен на котелот воопшто не е оган. Место тоа, Леанер дизајнираше котел со „електричен пламен“, што е постигнато со 40 ЛЕД-рефлектори.
Котелот се наоѓа во паркот Тилерие и преку ден е на земја, а ноќе лебди на височина од 60 метри.
Ајфеловата кула требало да биде уништена по Светскиот саем во 1889, но тоа никогаш не се случи. Засега е во план котелот да се размонтира по завршувањето на Олимписките и Параолимписките игри.