ЗА ЕДНА ГОДИНА ГИ ЗАГУБИВ ТАТКО МИ И БАБА МИ, МУЗИКАТА МЕ ЛЕЧЕШЕ, ВЕЛИ ПЕЈАЧОТ КРИСТИЈАН РАХИМОВСКИ, КОЈ ЌЕ НАСТАПИ НА ОХРИД ФЕСТ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот поп-пејач Кристијан Кики Рахимовски, синот на починатиот пејач Аки Рахимовски, првпат ќе настапи на Охрид фест, на 31 август на сцената на Долни Сарај. Ракимовски не само што првпат ќе пее во Охрид, туку и првпат доаѓа во Охрид. Вели дека за градот многу слушал од татко му.

„Цел живот слушам за Охрид. Ми зборуваше татко ми, таму имаше многу пријатели, се надевам дека некои и ќе ги запознаам. Ова за мене е можност уште повеќе да се поврзам со своите корени, затоа што го носам македонскиот ген. Срцето ми е полно, а дека премногу се радувам на доаѓањето, малку е да се каже. Благодарен сум за поканата на фестивалот и верувам дека добро ќе се забавуваме“, вели Рахимовски.

Песната што ќе ја пее е со наслов „Само љубов“ и вели дека ја промовира во вистинско време.

„Татко ми сакаше да сум што повеќе на терен, да ме слушнат луѓето, но по 15 години постојано свирење, малку се изморив. Во 2019 излезе албумот ‘Стапала’, таа песна стана регионален хит, но пандемијата стопираше сѐ. Во тој период останав без татко ми и без баба ми, доживеав страшен шок и ми требаше време да се повратам. Тагата и болката во срцето мораа да се залечат за да почнам повторно да пеам и да го земам инструментот в раце. Татко ми и баба ми си заминаа за една година, таа почина три месеци по него“, вели пејачот.

Во Скопје тој беше минатата година и ја промовираше песната „Врнеше дожд“ (Киша је падала). Претходно, тој од Македонскиот олимпски комитет ја прими наградата која постхумно му ја додели на неговиот татко.

„Песната која ме раздвижи и ми даде волја повторно да пеам е ‘Солзи небесни’ (Сузе небеске), а ‘Само љубов’ е повеќе од сѐ, затоа што околу себе гледам луѓе кои ме сакаат: семејството, менаџерот, мојата издавачка куќа ‘Кроација рекордс‘“, кажа пејачот.

Рахимовски вели дека кога доаѓа во Македонија, пее со леснотија.

„За мене Македонија не е само земја, туку и внатрешен мир додека пеам. Тешко ми е тоа да го објаснам, но навистина сум благословен со тој ген. Дедо ми Мустафа Рахимовски беше професор на Академија во Ниш, предаваше саксофон, татко ми Аки беше еден од најголемите пејачи на овие простори. Ги имам тие гени, пеам со леснотија, а немам никакво музичко училиште. Музиката ме обликуваше, иако не сакав да му се препуштам на тој свет. Македонскиот јазик слабо го зборувам, но доста разбирам и често се гледам со пријателот Стефан Ристовски, со кој неодамна бев на концертот на Влатко Стефановски во Загреб“, вели Рахимовски.

Во моментов, тој во студио во Загреб го завршува новиот албум и вели дека е во одлично друштво, со фантастични музичари. Се радува што ќе соработува со Дејан Николиќ, кој го напишал неговиот последен сингл и уште некои песни кои ќе се најдат на албумот.

Аки Рахимовски со синот Кристијан во 1981 (Фото: Фејсбук)

„Тука е и продуцентот Срѓан Секуловиќ, со кого навистина уживам во соработката, а нѐ запозна Саша Драгиќ, мојот менаџер, кој од Скопје внимава на секој мој чекор. Во ова мое турбулентно време тој се покажа не само како одличен автор чии песни допрва ќе се снимаат, туку ми е и голема поддршка. Во него препознав пријател, кој искрено, без умилкување, ми кажува сѐ“.

Рахимовски вели дека работел со големи автори и му требале 15 години за да научи да пренесе песна на вистински начин.

„Македонија допрва ќе се запознае со мојата работа, огромна желба ми е да продолжам со она што го правеше татко ми“, рече Кристијан Рахимовски.

Аки Рахимовски ненадејно почина на 22 јануари 2022 во Ново Место, Словенија. Роден е во Ниш, но пораснал во Скопје, град во кој често се враќаше, не само заради концерти и настапи. Во Загреб заминал како тинејџер и таму во 1975 ја основал групата „Парни ваљак“, преку која се афирмираше како еден од најдобрите вокали и фронтмени во поранешна Југославија. Неговата мајка Ана почина на 30 април 2022 во Скопје.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов