УЖИВАМ, ЈАС СУМ НАЈГОЛЕМОТО ДЕТЕ ВО ПУБЛИКАТА, ВЕЛИ СНУП ДОГ, КОЈ СТАНА ГЛАВЕН НАВИВАЧ НА АМЕРИКАНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ВО ПАРИЗ

Париз, (Би-Би-Си)

Снуп Дог стана неочекувано заштитно лице на Олимписките игри во Париз.

Кога американски спортист се бори за медал, секогаш има една камера која го следи раперот како навива на трибините. Тој беше снимен како танцува со американските гимнастичарки, носеше опрема за коњички спортови за да поддржи американски олимпијци и дури проба џудо потези.

Неговото присуство внесе нова енергија на Олимпијадата, која може да се пофали со голема гледаност.

Снуп Дог и Марта Стјуарт во опрема за коњички спортови (Фото: АП)

Откако за време на претходните Игри во Токио водеше олимписка емисија со комичарот Кевин Харт на стриминг платформата „Пикок“, тој доби уште поголема улога за овие ОИ: стана специјален известувач и на денот на отворањето го носеше олимпискиот факел низ улиците на Париз. Отиде и подалеку од тоа, па стана навивач на американските спортисти, без разлика на спортот.

„Пријатно сме изненадени од неговата популарност, но никогаш не го потценувајте Снуп Дог. Тој е амбасадорот на среќата“, изјави Моли Соломон, извршната продуцентка на Ен-Би-Си за Олимпијадата.

Тој носеше маица со ликот на гимнастичарката Симон Бајлс и навиваше за тенисерката Коко Гоф и одбојкарката Кели Ченг, меѓу другите. Учествуваше на промотивен настан за џудото и прими почесен црн појас, а доби и пливачки лекции од легендарниот Мајкл Фелпс. Некои веруваат дека Снуп Дог придонесол за подобрувањето на рејтингот на ОИ.

„Едноставно, уживам. Јас сум најголемото дете во публика“, кажа 52-годишниот Снуп Дог.

(Фото: АП)