РЕБЕКА АНДРАДЕ – БРАЗИЛСКАТА КРАЛИЦА НА ГИМНАСТИКАТА НА КОЈА Ѝ СЕ ПОКЛОНИ И СИМОН БАЈЛС

Париз, (АП)

Симон Бајлс беше апсолутната ѕвезда на гимнастичарските натпреварувања на Олимписките игри во Париз, каде што се закити со три злата и едно сребро и сега ги има 11, но ја покажа својата вистинска величина кога ѝ се поклони на големата ривалка Ребека Андраде.

Бразилката освои злато во последната дисциплина вежби на партер, а кога се качи на подиумот за да го прими медалот, Бајлс и нејзината сонародничка Џордан Чајлс клекнаа во знак на почит кон неа.

„Тоа беше исправната работа да се направи. Ребека е неверојатна, таа е кралица. Возбудливо е да се гледа“, изјави Бајлс за моментот за кој музејот Лувр кажа дека заслужува место во близина на „Мона Лиза“.

Андраде на четири години почнала да тренира гимнастика (Фото: АП)

По злато и сребро на претходните ОИ во Токио, 25-годишната Андраде освои уште четири медали во Париз, со што е најтрофејната олимпијка во историјата на Бразил. Тоа ја прави и голема инспирација во земјата, особено имајќи го предвид нејзиното сиромашно детство во фавелите на Гваруљош.

Андраде пораснала со самохрана мајка како едно од осум деца. На четири години почнала да тренира гимнастика, пешачејќи до вежбалница еден час, што станало посериозно кога на девет години се преселила во Куритиба, а оттаму во Рио де Жанеиро.

(Фото: АП)