СТАРОГРАДСКА МУЗИКА СО ОХРИДСКИ МЕЛОС ЌЕ СЕ ПЕЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИД ФЕСТ НА 30 АВГУСТ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Песни во духот на староградската музика ќе се пеат на фолк-вечерта на Охрид фест, кој ќе се одржува на 30 и 31 август на сцената на Долни Сарај.

„Како и лани, така и годинава, целта ми е да имаме квалитетни песни, бидејќи од многумина компетентни критичари и новинари добивме позитивни критики за ланското издание. Охрид фест беше еден од најдобрите фестивали во 2023. Песните што ќе се пеат на Долни Сарај на 30 август се во духот на охридскиот мелос, можеби со помодерни аранжмани, но сепак ќе биде запазен звукот на мандолината, тамбурата и виолината“, вели уметничкиот директор на фолк-вечерта Љупчо Соколовски и додава дека староградската музика и Охрид им се главна инспирација на авторите годинава.

На фолк-вечерта ќе се испеат 20 песни од различни автори и ќе настапат познати пејачи од фолк сцената, како и млади пејачи.

Директорот на фолк-вечерва Љупчо Соколовски лани на фестивалот со водителката Ирена Спировска (Фото: Охрид фест)

„Фестивалите помагаат да се сочува нашата фолк песна. Нашиот мелос е многу убав, колку повеќе нови песни се раѓаат, толку повеќе ќе се намали просторот за туѓа музика“, вели Соколовски.

Нино Величковски (фото), Катерина Танева, Горан Кукиќ, Ленче Кукиќ, Благоја Грујовски, Петар Нечовски, Благица Павловска и други ќе бидат дел од фолк-вечерта на фестивалот кој се одржува по 31 пат. На 31 август е интернационалната вечер, на која се пеат поп песни.

М. ЏАРОВСКА

Фото: С. НИКОЛИЌ