Краткиот филм „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски имаше светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Оденсе (ОФФ), каде што се прикажа со 147 филмови од 39 земји. „Мала шега“ е продукција на „ДНФ филмс“ и копродуциран од ИРЛ од Македонија и „Изван фокуса“ од Хрватска.
Кратките филмови кои се прикажуваат на ОФФ се квалификуваат за Оскар, Европски филмски награди и БАФТА.
Филмот е заснован врз истоимениот расказ од Антон Павлович Чехов, а во главните улоги се Јана Никодиновска и Марко Илиевски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова, музиката ја напиша Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска.
„Најголемиот страв ми беше дали публиката во Данска ќе успее да се поврзе со приказната и да ја разбере. Трогнат сум дека публиката се соживеа со македонската приказна и со предизвиците на главните ликови“, вели Ситниковски, кој моментално работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“.